Германските федерални провинции имаат намера да забранат за продажба од 2030 година нови автомобили со бензински и дизел мотори, пишува во својот нов број локалното неделно списание Шпигел.

Информацијата е од побликуваните одлуки донесени од Бундесратот на последната негова седница. На овој начин провинциите управувани како од централно-левичарската Социјалдемократска партија (СПД), така и од Христијанско-демократската унија се приклучуваат на забраната.

Во усвоената одлука се повикува и Европската комисија да ги „оцени последните даночни практики и други давачки на земјите членки спрема ефикасноста во однос на промовирање на мобилноста со нулта емисија … за да може не подоцна од 2030 година во ЕУ да се дозволат само автомобили кои не предизвикуваат емисии на штетни гасови“.

Зелените ја поздравија одлуката, но се истовремено изненадени. „Со оглед на договорот за климата од Париз по 2030 година не може да се продаваат нови автомобили со мотори со внатрешно согорување“, вели Оливер Кришер, заменик-претседател на фракцијата. „Одлуката на Бундесратот е надпартиска и е правилна. Но е изненадувачки дека двете партии неодамна спореа со Зелените токму по ова прашање“, вели тој.

За да успее да го испочитува договорот за климата, Германија треба да ја намали емисијата на CO2 до 2050 година за 95%. Една мерка е преку промовирање на електричната мобилност што досега се случува со ограничен успех. Дури и стимулите при купување на такви автомобили досега не го предизвикаа саканиот поттик.

Пред неколку месеци Норвешка беше на пат да стане првата држава во светот која ќе стави целосна забрана на автомобилите со бензински и дизел мотори. Продажбата на слични возила мораа да бидат прекинати во 2025 година, иако неколку денови подоцна се покажа дека наместо забрани, кралството предвидува бонуси за секој кој ќе го смени бензинскиот или дизел автомобил со еколошко возило.

А. Накова