Најубав подарок за децата се играчките! Но, не е секогаш лесно да се изберат. Интересите и желбите на детето често се менуваат, а нивните „планови“ треба да се вклопат во буџетот што го имаме. И конечно, кога сè ќе испланирате, сфаќате дека играчката што ја одбравте може да биде опасна за вашето дете! Како?

Факт е дека, во ерата на висока потрошувачка и потреба за заработка, многу производи, вклучувајќи храна, пелени, козметика и играчки за деца, се произведуваат од многу токсични и опасни материјали. На производителите им е најважно да обезбедат сигурна продажба и затоа ги намалуваат трошоците за труд и квалитетот на суровините од кои се произведуваат играчките. И кој се грижи за здравјето на децата? Се чини дека, покрај лекарите, педијатарите, државата и сите институции за заштита на децата, оваа најважна задача станува само одговорност на родителите!

Кога играчките стануваат опасни?

Автомобили, војници, роботи, топки и други пластични играчки купени за мали пари често се со сомнителен квалитет. Поради нивниот состав, бојата и токсините што ги содржат, овие играчки можат да бидат многу опасни за здравјето на децата. Тие можат да предизвикаат труење, дијареа, повраќање и алергии, особено за најмладите кои имаат потреба сè да ставаат во уста.

Според новите глобални истражувања, докажано е дека рециклираната пластика содржи токсични хемикалии, т.н. успорувачи на горењето, кои го оштетуваат нервниот систем и го намалуваат интелектуалниот капацитет. Ги има во пластични играчки и други пластични детски производи.

Исто така, во гумените нараквици се пронајдени големи концентрации на забранети фталати, а дозволената количина е 0,1 проценти кај производи за деца.

Што се фталати?

Фталатите се естри на фтална киселина и алифатични алкохоли. Тие не се врзани за полимерот и предизвикуваат чувство на маснотии на рацете. Не се користат сами, туку секогаш се вклучени во финалниот производ (ПВЦ). Тие се основната компонента на сите пластични пакувања. Фталатите се користат во градежни материјали, текстил, производи за чистење, козметички препарати, медицински помагала, амбалажа, ПВЦ подови, пластифицирани тапети и чаршафи-мушами. Училишните материјали (гуми, пенкала, селотејп), слушалки, топки, завеси за кади, опрема за плажа, исто така, може да содржат фталати.

Најголем проблем се играчките за деца, особено оние од мека пластика, кои помладите деца честопати ги грицкаат и ги кинат со забите. Исто така може да ги има и во детски лосиони за тело, пудра и шампон и тоа во висока концентрација. Ова е потврдено со истражување, бидејќи во детската урина, особено кај најмладите деца, е пронајдена поголема количина на фталати!

Фталатите предизвикуваат разни промени во ткивото на тестисите и послаба плодност кај машката популација. Му штетат на плодот кај трудници, го нарушуваат ендокриниот систем и хронично го загрозуваат здравјето.