Иако многу пати е пишувано за опасностите кои „демнат од играчките“ за децата и бебињата, и во западните земји постојано се апелира на овие опасности и се доработуваат прописите за да се заштитат децата.

Токсични или опасни играчки сеуште може да се најдат на полиците на многу продавници и мегамаркети. Тоа не е само феномен што „само нам ни се случува“, туку  такви играчки има во западните земји (развиените), и покрај острите прописи во САД и Европската унија.

Примери

Американските истражувачи открија дека одредени играчки содржат токсични количини на олово, кадмиум, антимон и фталат. Истражувачите наведоа дека во една винил играчка нашле 29 пати повеќе олово од дозволениот законски максимум.

„Олово најдовме во недозволени количини во играчка за која пишува дека е за деца над 2 години, но тоа не се препорачува ниту за деца, ниту за возрасни“, велат истражувачите од Масачусетс.

Други драстични примери

Една бебешка прекривка содржи високо ниво на антимон, што е токсичен до тој степен што предизвикува рак.

Еден вид пенкало содржи високо ниво на фталати и кадмиум. Фталатите се хемикалии за кои постои сомневање дека предизвикуваат развојни последици по здравјето на децата. Кадмиумот е отровен метал кој може да предизвика оштетување на мозокот и да предизвика проблеми со бубрезите.

Некои играчки се состоеле од премногу ситни делови, а биле дозволени за деца под 3 години. Познато е дека малите делови може да доведат до гушење кај мали деца кога ќе се проголтаат.

Магнетите како посебна опасност

Играчките што содржат магнети се многу опасни за малите деца, но сепак се наоѓаат на пазарите во многу земји. Ако детето проголта повеќе помали магнети, тие во телото (цревата) може да се состават и да создадат поголемо нерастворливо парче што може да предизвика внатрешно оштетување на телото.

„Магнетните играчки се многу посилни отколку што беа во минатото, а со тоа претставуваат поголема опасност за здравјето, особено за малите деца, бидејќи децата рутински ги ставаат во уста“, посочува истражувањето.

Бучни играчки

Голема загриженост предизвикуваат податоците кои укажуваат на тоа дека на пазарот слободно се продаваат некои играчки кои испуштаат премногу гласни звуци, така што може да го оштетат слухот на детето.

Со стандардите е регулирано речиси во целиот свет дека звукот (бучавата) поголема од 85 децибели е опасен за човечките уши, а дека звуцисо јачина над 65 децибели се опасни за децата кога овие играчки се држат во близина на увото. Долготрајната изложеност на такви звуци со текот на времето може да доведе до постепено губење или оштетување на слухот.

„Користејќи бучни играчки, едно од пет деца ќе имаат некаква форма на губење на слухот се додека наполни 12 години“, велат истражувањата.

Истражувањата откриваат три типа на „паметни телефони“ на полиците на продавниците што произведуваа звуци надвор од дозволените граници.

Ризик од гушење

Истражувачите откриле голем број на играчки кои содржат многу мали делови кои децата може да ги проголтаат или стават во носот, што е реална опасност од задушување.

Опасни играчки има исто така во реномирани продавници, но кај нас уште поголема е веројатноста опасни играчки да се најдат на „сивиот пазар“ и многуте „бит пазари“ (за малку пари).

Предупредувања

Родителите треба да запаметат дека ова се само примери на потенцијално опасни играчки, и не ги покриваат сите потенцијално опасни играчки. Родителите треба да ги испитаат безбедноста на играчките и потенцијалните опасности пред да ги купат. Секогаш треба да се прочитаат етикетите, предупредувањата и препораките за која возраст се играчките наменети.

Здруженијата на потрошувачи во САД постојано ги предупредуваат државните власти за енергична примена на законите за безбедност кои ја регулираат продажбата на детски играчки.

Што се однесува кај нас, родителите треба да се грижат за тоа „што им купуваат на децата за играње“, но, исто така, да ги контролираат од време на време што прават децата и со што играат, бидејќи малите деца „брзо и незабележливо растат“ и го фаќаат она што не се им било  до скоро достапно.