Уште една планетарна „зараза“ по која децата лудуваат се гумените ленти и ластичиња. Нараквици и ѓердани се плетат на мали разбои од разнобојни еластични ленти или гумички-слични на гумените ленти за тегли. Кај нас овие гумени ленти или ластичиња главно се увезени од далекуисточните земји, а се познати под името “разбој гуми“ или „разбој ленти“ (loom bands).

Во Велика Британија е вршено тестирање на гумените ленти од различни производители, со цел да се провери нивото на штетни токсични хемикалии (фталати) во нив.

Евтини гумички и низок квалитет

Официјалните лица предупредуваат дека по тестирањето утврдиле дека некои серии евтини гумички со лош квалитет не ги исполнуваат безбедносните прописи. Гумените ленти немаат пропишани етикети или предупредувања, и може да содржат високо ниво на фталати.

Во Велика Британија на родителите им се препорачува пред да ги купат гумичките и разбоите да проверат кој е производителот, увозникот и дистрибутерот и дали на групните пакувања стојат ознаки за квалитет или исполнување на безбедносни стандарди.

Фталати

Фталатите се користат за пластичните производи да бидат побезбедни и пофлексибилни. Сепак, фталатите во повисоки концентрации можат да се апсорбираат во телото преку плунка или пот.

Законската граница за фталати во пластични играчки не треба да надминува 0,1%, додека во Велика Британија се најдени некои „разбој ластици“ со дури 50% фталати.

Не ја расипувајте забавата на вашите деца

Џим Џонс, извршен член на одборот за јавна заштита, во соопштението вели: „Ние не сакаме да ја расипеме забавата на децата, особено бидејќи оваа игра ја поттикнува детската креативност, но не сакаме да го загрозиме здравјето на децата.“

Експертите советуваат родителите внимателно да го разгледаат квалитетот на лентите и разбојот што ги купуваат за децата.

Во Велика Британија е релативно „лесно“ да се провери квалитетот на увезените работи, затоа што мора да има безбедносни сертификати (и оваа обврска строго се почитуваат), додека за нас овие обврски малку се почитувани, па и да има наоди од испитувањето на производот, не е лесно достапно за купувачите и потрошувачите.

Еден од советите за родителите, во Велика Британија е применлив кај нас: „Не им дозволувајте на децата да се ставаат разбои, гумички и ленти во уста, бидејќи така може во телото да внесат хемикалии и што е најлошо, може да ги проголтаат.“

Ние додаваме дека по купувањето, пред играчките да ги дадете на децата, извршете детално и темелно миење (некои играчки може да се мијат во машини за перење), бидејќи сите увезени стоки многу пати се товарени и прскани со разни хемикалии против мувла, бубачки, влага…