Неодамнешниот тест од страна на Норвешкиот совет за потрошувачи покажува дека многу од шишињата за пиење за повеќекратна употреба испуштаат фталати, бисфенол А, олово и други опасни хемикалии во содржината – иако во многу мали количини.

– Многу е жално што Хелоу кити-шишињата од „Sanrio“ испуштаат опасни хемикалии како што се хлорирани парафини, фталати, бисфенол А, огноотпорни материи и олово во содржината. На пример, овие шишиња можат да се купат во „Toys R Us“. Иако откриените нивоа се ниски, ние би се надевале шише што е наменето за децата да се покаже многу подобро на тестот. Напротив, ова шише е со најлоши резултати, вели Гинштајн Инстефјорд, раководител на Одделот за трговија на Норвешкиот совет за потрошувачи.

Пластичните производи содржат потенцијално илјадници различни хемиски соединенија. Ниту едно од шишињата не испушта хемикалии во количини што сами по себе би биле штетни за човековото здравје. Во оваа анализа е користена граница од „помалку од 0,2 микрограми на литар органски супстанции“ за препораката за шишиња со зелено „смајли“. Листата на тестирани шишиња во редослед од најдобро кон најлошо може да се најде тука.

– Препорачуваме да изберете нетоксични производи секогаш кога е можно. Широката варијација на нивоата на откриени опасни супстанции покажува дека многу од производителите имаат значителен потенцијал за подобрување на нивниот резултат. Ова особено важи за производителите на шишиња што ги користат деца, кои се продаваат од голем број трговци во Норвешка, подвлекува Инстефјорд.

Важна е вкупната изложеност

Тестот е направен во форма на анализа на количините на различни штетни супстанции кои истекуваат од шишето во неговата содржина. Пронајдени се неколку различни супстанции, чија употреба е забранета или ограничена со закон, иако во нивоа кои се далеку под сегашните гранични вредности. Затоа, ниту едно од испитуваните шишиња не предизвикува здравствена опасност гледано изолирано. Сепак, заедно со сите други производи со кои се опкружуваме, тие можат да придонесат кон целосна изложеност на хемикалии која може да биде загрижувачка.

– Најдовме изненадувачки многу несакани супстанции, меѓу кои и многу регулирани хемикалии. Неколку од шишињата ослободија и фосфорорганички и бромирани огноотпорни материи, покрај многу други хемикалии кои треба да ги користиме што е можно помалку. Опасната природа на овие супстанции е причината зошто нивната употреба е силно регулирана. Многу од тестираните шишиња се користат од страна на децата во училиштата и градинките, вели Инстефјорд.

– Производите што нашите деца ги користат секој ден треба да содржат што е можно помалку опасни хемикалии. Она што ни покажува и нашиот тест е дека е можно да се направат пластични шишиња без речиси никакви проблематични материи. «Behållare» од „Икеа“ и «Sistema square» купени во „Coop Obs“ се победници на тестот. Овие шишиња испуштаат помалку штетни материи и во количини многу под она што го пронајдовме во другите тестирани шишиња. Ова покажува дека е можно да се направат шишиња за пиење кои во пракса не ги испуштаат несаканите хемикалии во својата содржина.

Тестираните шишиња биле купени во разни продавници во Норвешка. Сепак, повеќето шишиња, исто така, може да се најдат во продавниците во повеќето други европски земји.