Права на потрошувачи

Секој граѓанин на Македонија во одреден момент се наоѓа во улога на потрошувач – при купувањето на храна, електрични уреди, облека, планирање на патување.

Потрошувачот очекува дека стоката која ја купува или услугите кои ги добива, имаат одреден квалитет кој подразбира погодност за употреба на стоките и ефикасност на услугите, исправност, безбедност, сигурност.

Со цел да ги заштити своите граѓани, државата пропишува закони кои ги гарантираат основните права на потрошувачите – право на заштита на здравјето на луѓето, безбедноста и имотните интереси и се грижи тие да се спроведуваат.

Затоа, овој сајт ви е посветен Вам, Потрошувачу, да Ви помогне да се запознаете со своите права, и со ефикасни начини за нивно успешно спроведување. Законот за заштита на потрошувачите не се однесува на договорните односи на две физички лица, туку важи кога е склучен договор помеѓу потрошувач (физичко лице) и правно лице, односно претприемач. Вашите права во бројки:

15 дена – рок за замена на производот што има соодветен квалитет, а што не одговара во однос на форма, големина, модел, боја, број или од други причини

30 дена – период во кој продавачот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на производот дека има таков производ за продажба, период кој важи од денот на приемот на барањето

30 дена – периодот во кој продавачот е должен да ги отстрани недостатоците (или по добивање на решение од надлежниот инспекциски орган)

6 месеци – задолжителен гарантен рок на кој подлежи производот и на кој може да се повикате доколку не сте добиле гаранција од страна на трговецот

6 месеци – минимум гарантен рок кој важи за важен дел од сложен производ кој бил заменет или поправен